Посета на студентите од Машинскиот факултет во фабриката на DS Smith во Скопје

Студенти од 4-та година на Машинскиот факултет во Скопје, од насоката Индустриски дизајн, ја посетија фабриката на DS Smith во Скопје со цел да се запознаат со нашето циркуларно работење и вредностите што ги негуваме како компанија. Оваа посета беше одлична можност да им пренесеме знаење и да им покажеме како DS Smith ги применува принципите на циркуларната економија во секојдневното работење.

Студентите имаа можност да слушнат како современите барања на купувачите и честите промени на трендовите, водени од регулативите за одржливост, влијаат врз производството и дизајнот на амбалажата. Преку презентацијата на нашата стратегија Now & Next, ги запознавме студентите со нашите амбиции и цели за создавање циркуларно одржливи решенија. Особено внимание посветивме на практичните аспекти на циркуларната економија и како тие можат да се применат во реални ситуации.

Покрај теоретската презентација, студентите имаа можност да го посетат и производствениот погон, каде што одблиску видоа како се реализираат процесите за производство на амбалажа која ги исполнува строгите стандарди за одржливост. Оваа комбинација на теоретско знаење и практична примена помогна да се поврзат концептите што ги изучуваат на факултетот со реалните индустриски предизвици.

Денот беше исполнет со интерактивни дискусии и бројни прашања, кои не само што им помогнаа на студентите да добијат одговори, туку и за нас претставуваа инспирација за натамошно подобрување. Размената на идеи и заедничката работа доведоа до креирање нови перспективи и концепти кои ќе им бидат од корист на студентите во нивното понатамошно студирање и идни професионални предизвици.

Како компанија, во DS Smith веруваме дека секој мал чекор може да донесе големи промени во заедницата. Оваа посета е доказ за нашата посветеност да придонесеме кон образованието и професионалниот развој на младите луѓе. Со споделување на нашето искуство, трендовите во индустријата и предизвиците со кои се соочуваме, успеавме да создадеме значајна и корисна интеракција со студентите.

Денот помина во пријатна и динамична атмосфера, каде што интересните разговори и ентузијазмот беа на високо ниво. Ова искуство, и за нас и за студентите, претставуваше значаен чекор кон градење на подобра иднина преку соработка, размена на идеи и поттикнување на нови генерации инженери да размислуваат иновативно и одржливо.

Со нетрпение очекуваме повторно да соработуваме со универзитетите и да го продолжиме нашиот придонес кон заедницата.